image-slider
image-slider

Делегацијата на Република Македонија на гостите од Република Турција им го честиташе празникот велејќи дека ова е празник и за Република Македонија, имајќи ги предвид одличните билатерални но и традиционални односи со нивната земја.

Националниот Координатор Пендаровски истакна дека Република Македонија, од почетокот на своите аспирации за членство во НАТО во Република Турција има не само сојузник, но и верен пријател со кој ќе продолжи да ја одржува соработката и по влезот на Македонија во НАТО алијансата.

Заменик министерот Атанасов, осврнувајќи се на мултикултурниот карактер на Република Македонија, пред гостите ја изложи непоколебливоста на Владата и премиерот Заев за афирмирање на мултикултурноста како вистинска вредност на едно општество за сите граѓани на Република Македонија, а во таа заложба турската заедница во Македонија е од исклучителна важност преку своите придонеси во целокупното општествено живеење.

Портпаролот на претседателот на Република Турција, Ибрахим Калин, на средбата истакна дека Македонија е многу важна држава за Република Турција и за турскиот народ, посебно затоа што многу големи личности во Турската историја потекнуваат од овие простори, меѓу кои и авторот на химната на Република Турција и голем број на пратеници во турскиот парламент.

Поради тоа, како што истакна тој, е и големиот интерес на турски бизнисмени да инвестираат во Република Македонија, што е придонес на Турската бизнис заедница кон економско зајакнување на Република Македонија.

Делегацијата од Република Турција искажа недвосмислена поддршка на патот на Република Македонија кон членство во НАТО и ЕУ, и, како што беше речено на средбата, Република Турција, таквите заложби на Република Македонија ќе ги поддржува постојано, со целиот капацитет на своите институции.