Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, денеска и утре ќе ја застапува Македонија на министерскиот состанок на Алијансата, за прв пат како извесна идна членка на НАТО.

Ова е првиот состанок на членките на НАТО во 2019 година и прв состанок на кој Македонија ќе седне рамо до рамо со своите сојузнички од Алијансата откако беше потпишан пристапниот протокол за членство минатата недела.

-За прв пат ќе му посакаме добредојде на Скопје, на министерката за одбрана Радмила Шекеринска, сега од Северна Македонија која има столче на нашата маса, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на вчерашната прес-конференција во Брисел на која ја најави агендата за овие два дена.

НАТО членките утре официјално ќе и посакаат добредојде на министерката Шекеринска, која околу единаесет часот ќе биде примена од страна на Столтенберг, неколку часа пред почетокот на првата сесија на Северноатлантскиот Совет.