Во јавноста и меѓу институциите се создаде дилема во однос на бројот на починатите лица, откако градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари синоќа на прес-конференција објави дека вкупниот број починати лица е 15 и истата бројка со имиња и презимиња беше објавена на официјалната веб-страница на општината.

Министерството за внатрешни работи на барање на телевизија 24 останува на ставот дека починати се 14 лица и не одговара дали воопшто има 15-то лице. Ова соодветствува со ставот и со листата починати на институтот за судска медицина.

Тв 24 побарала и потврда и од министерството за здравство, од каде што им рекле дека настанало грешка во системот, при што едно од починатите лица поради промена на презимето пред две-три недели е впишан два пати, па затоа настанала забуната со две, наместо едно починато лице.

Директорот на судска медицина, Александар Станков вели дека кај нив на обдукција пристигнале 14 лица и кај сите обдукцијата е завршена. Дали има други починати, при разговорот со Тв 24 Станков истакна дека тоа не може да го знае, зашто тој се води само според лицата кои биле донесени на нивниот институт.