Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска, денеска имаше свое обраќање на јавната расправа на Комисијата за здравство во Собранието на Република Северна Македонија. Таа го поздрави новиот предлог Закон за прекинување на бременоста, кој ја почитува волјата на жената и го поздрави процесот на подготовка во кој беше вклучен и граѓанскиот сектор. Меѓу другото, Пировска укажа на тоа дека РСМ е секуларна држава, дека мешањето на религијата и верските заедници во овие расправи е недозволиво и искажа задоволство што истите не се присутни на расправата. За ова прашање треба да дискутираат жените, и само жените, а секако и стручните лица кои имаат знаење за ова прашање.
На крај, таа упати апел да не се потпаѓа под манипулациите околу овој закон, со информации пласирани од страна на верските заедници и други групи, и ги повика пратениците да го поддржат и усвојат предложениот закон.