Нова голема студија од Данска покажува дека нема поврзаност меѓу вакцините против морбили, рубеола и паротитис (ММР) со развивањето аутизам.

Во науката и во здравствените кругови тоа прашање одамна се смета за решено и многу студии објавени во текот на многу години ги отфрлаат тврдењата објавени во една мала студија пред повеќе од 20 години, која беше исклучена од медицинската литература.

Но, големината на новата студија – во која се вклучени 657.461 данско дете, родени во периодот меѓу 1999 и 2010 година – би требало во теорија да го поткрепи аргументот кој лекарите сè уште се принудени да го кажуваат среде нефлексибилното и сè поголемо одбивање на вакцинацијата во некои места.

Трудот е направен од страна на истражувачите во Институтот „Статенс Серум“ во Копенхаген. Некои од истите научници објавија статија на оваа тема во „Њу Ингланд џурнал оф медисин“ во 2002 година, врз основа на податоците од 537.303 дански деца, родени во периодот меѓу 1991 и 1998 година.

Тогаш зошто одново се прави истото? Затоа што депласираната грижа не исчезна, смета Андрес Хвиид, еден од истражувачите вклучени во студијата.

– Идејата дека вакцините предизвикуваат аутизам сè уште е присутна. И антиваксерското движење можеби само се зајакна во последните 15 години. Трендот што го гледаме е загрижувачки – вели тој.

Моментално во САД има шест епидемии на морбили, а во јануари и во февруари се забележани 206 случаи, покажуваат податоците на Центарот за контрола и превенција на болести. Тој број е поголем отколку вкупниот број за 2017 година.

Епидемија на морбили има и во многу други земји низ светот. Европската регионална канцеларија на Светската здравствена организација извести дека низ континентот минатата година имало повеќе од 85.000 заболени и 72 смртни случаи за кои причина биле морбилите.

Извор: fakulteti.mk