Македонија

8-ми март: Родовата еднаквост не постои

Приближно секој четврти член на парламент во светот е жена, се констатира во годишниот извештај на Интерпарламентарната унија, најстарата меѓународна парламентарна организација.

Во документот на 50 страници се наведува дека во текот на 2018 година се зголемило учеството на жените во националните парламенти. На глобален план, тоа изнесува 24,3 проценти лани во споредба со 23,4 проценти во 2017 година. За споредба, учеството на жените во парламентарните состави во 2008 година изнесуваше 18,3 проценти и 11,3 отсто во 1995 година.

– Сè уште сме далеку од еднаквост на половите на светско ниво. Охрабрувачки е да се забележи дека мерките што Интерпарламентарната унија ги препорачува многу долго, како што се воспоставување ефикасни и добро спроведени квоти за жените, почнуваат да даваат резултати – изјави претседателката на Интерпарламентарната унија, мексиканската пратеничка Габриела Куевас Барон.

Извештајот на Интерпарламентарната унија покажува дека изборните квоти за жените сега ги покриваат сите региони во светот, со повеќе од 130 земји што веќе ги прифаќаат ваквите системи. Сепак, извештајот покажува дека политиките за квоти не се еднакво ефикасни во различни земји. „Во повеќето случаи самиот факт за наметнување квоти, без да се обезбедат механизми за спроведување или санкции, не овозможи значителен напредок во застапеноста на жените во парламентот“, забележува Меѓупарламентарната унија.

Во анализата на Унијата, исто така, се нагласува дека изборните системи влијаат врз застапеноста на жените. Кај пропорционалните или мешани системи просечниот процент на женски пратеници дефинитивно е поголем (26,5 проценти) отколку кај мнозинскиот изборен модел (20 проценти).

Кога станува збор за (не)еднаквоста на жените на пазарот на трудот и законските регулативи што треба да ја осигурат, Македонија се најде на 48. место од вкупно 187 анализирани земји. Ова го покажува новото истражување на Светската банка наречено „Жени, работа и закон 2019“.

Од максималните 100 поени, нашата земја има 88,13. Исто толку имаат и Босна и Херцеговина, Лаос и Јужноафриканската Република.

Охрабрува податокот дека светскиот просек се зголемил од 70 на 75 поени и дека 39 земји оствариле резултат над 90 поени. Сепак, само шест земји во светот целосно оствариле родна рамноправност кога станува збор за трудовото законодавство – Белгија, Данска, Франција, Латвија, Луксембург и Шведска имаат по максимални 100 поени.

Во однос на регионот, Грција е лидер и со 97,50 поени е на 11. место. Потоа, Србија е на 18. место со 96,88 поени, Хрватска е на 20. место со 94,38 поени, Бугарија е на 27. место со 93,75 поени, Косово е на 32. место со 91,88 поен, Албанија е на 35. место со 91,25 поен, а Словенија е на 39. место со 90,63 поени.

Иако резултатите укажуваат на општ напредок, патот до целосна рамноправност во практика е многу долг. Имено, осигурувањето на законската рамка, иако е важен чекор, не е доволен за да се променат нештата во реалниот живот. Остварувањето 100 поени не значи и 100 отсто еднаквост на мажите и жените. Еден од најдобрите примери за тоа е нееднаквоста на платите за работење слична работа. На пример, иако Шведска е една од само шесте земји што оствариле максимален број поени, според анализата на Светската банка, дури и во таа земја жените заработуваат пет отсто помалку од нивните колеги од спротивниот пол.

 

Поврзани вести