Британскиот парламент повторно гласа за договорот за Брегзит. Премиерката Тереза Меј успеа да се избори за правно-обврзувачки промени во спогодбата за повлекување.

Брисел даде гаранции за заштитниот граничен механизам на ирскиот остров, најспорната точка во преговорите. Еврокомисијата постави услов – заминете до Европските избори или избирајте свои пратеници за Европарламентот. Велика Британија треба да го напушти Европскиот блок за 17 дена.
Премиерката Тереза Меј доби правно-обврзувачки гаранции за Брегзит од Европската унија. За решавање на најспорниот дел во Договорот, заштитниот граничен механизам за ирскиот остров познат како „бекстоп“, се понудени три документи: Заеднички инструмент, Заедничка изјава и Еднострана декларација.
Ова се значајни промени. Постигнаа сѐ што сакавме и на што се надевавме во сложените преговори. Сега имаме шанса да заминеме од ЕУ на 29 март, или малку подоцна. Ако ја искористиме можноста, ќе успееме. Ако не, се зголемува ризикот и од царинска унија и сценарио без договор што никој од моите колеги не го посакува, вели  Џереми Хант – Министер за надворешни работи на Обединетото Кралство.
За владата во Даблин, формирана е силна рамка за идната соработка.
Договорениот инструмент наведува дека ќе работиме во добра волја за идниот однос што гарантира дека целите на протоколот, особено потребата да се избегне крута граница ќе бидат исполнети. Посветено ги истражуваме алтернативите доколку идните односи не бидат дефинирани навреме. Но тоа не го доведува во прашање активирањето на бекстопот доколку не бидат постигнати подобри услови со сите страни, вели Лео Варадкар – Премиер на Република Ирска.
Брисел бара од Лондон да се усогласат ставовите за клучните прашања. Челникот на Европската комисија, Жан Клод Јункер посочи дека Обединетото Кралство треба да ја напушти Унијата до европските избори на крајот на мај, во спротивно, тие треба да избираат свои пратеници за Европарламентот. Велика Британија треба да го напушти блокот за 17 дена. Премиерката Меј потврди дека ќе поддржи и пролонгирање на овој пат, но е неизвесен ставот на Брисел, што трпеливо мораше да прави отстапки поради нерешителноста на Вестминстер.