Британската премиерка, Тереза Меј, денеска во Брисел директно ќе апелира до лидерите на земјите-членки на ЕУ да се согласат на пролонгирање на Брегзитот за три месеци, откако во синоќешното телевизиско обраќање до нацијата подвлече дека таа лично исклучително жали заради одложувањето.

На денешниот самит во Брисел, Меј ќе се обиде да ги убеди останатите 27 држави да го одложат Брегзитот и по 29-ти Март.

Во 10-минутното обраќање до нацијата, Меј директно ги обвини пратениците за одложувањето на Брегзитот, порачувајќи им на Британците дека таа е на нивна страна.

“Јас силно се надевам дека пратениците ќе најдат начин да го поддржат договорот за кој јас преговарав со ЕУ, договор кој ги задоволува резултатите од референдумот и е всушност најдобриот договор кој може да биде постигнат. Јас ќе продолжам да работам дење и ноќе да ја обезбедам поддршката од моите колеги, Унионистите и останатите за овој договор. Но не сум подготвена да го одложувам Брегзит и подоцна од 30-ти Јуни” – изјави Меј.

Обединетото кралство треба да ја напушти ЕУ следниот петок. Во моментов двете страни немаат договор за Брегзит, откако пратениците два пати гласаа против планот за Брегзит кој Меј го договори со Брисел. Европските лидери сега испраќаат порака дека рокот за Брегзит може да биде продолжен, но само под услов Долниот дом на британскиот парламент конечно да го поддржи договорот за Брегзит наредната недела.

Извор: Телма