Лековите може да го оштетат фетусот за цело време на бременоста, и тоа не само лекови кои се издаваат на рецепт туку и оние кои се во слободна продажба.
Во првиот триместар на бременоста лековите можат да дејствуваат тератогено и да предизвикаат конгенитални малформации на плодот.
Критичен период за настанување на овие промени е од третата до единаесетта недела на бременоста или од петтата до тринаесета недела од последна менстуација. Во вториот и третиот триместар од бременоста лековите можат да го забават растот и развојот на фетусот или да бидат токсични за ткивата на фетусот.
При донесување одлука за примена на лекови во бременоста треба да се почитуваат неколку принципи:
-да се одбегнува примената на било кој лек во првите три месеци од бременоста;
-да се препишуваат лекови кои се докажано безбедни за време на бременоста;
-да се одбегнува примена на нови лекови ;
-да се користат најмали дози кои се ефикасни;
Треба да се има в предвид дека бремените жени имаат зголемен волумен на крв, зголемена работа на срцето и бубрезите, имаат зголемен клиренс на лековите преку бубрезите и дадената доза може да не биде доволна за постигнување на ефектот.
Одлуката за примање лек во бременоста зависи од стадиумот на бременоста во кој се наоѓа жената. Забележано е дека по 24та недела на бременоста, антибиотиците од групата на тетрациклини остануваат во забите на плодот.