Македонија

Каровски: Расте интересот кај пациентите за медицинската акупунктура

Медицинската акупунктура во земјава е донесена уште во 1980-тите години од минатиот век како помошна метода на конвенционалните начини на лекување. 

Но, законска регулација акупунктурата доби дури во 2016 година, истата година кога беше основана првата јавна установа во земјава која ја користи акупунктурата како лекувачки метод – Центарот за традиционална кинеска медицина во Штип. 

Во установата не пречека релативно млад прв човек, некогашниот стипендист на Владата на НР Кина, 26-годишниот Мартин Каровски.

Каровски е дипломиран физиотерапевт специјализиран за рефлексотерапија во класата на др. Зху Јихе, со кого заедно работеле на повеќе меѓународни истражувања. 

За Каровски неспорно е дека акупунктурата е докажан лекувачки метод. 

  • Честопати здравствената заедница ќе го оспори ефектот на акупунктурата во лекувањето поради појдовната точка на акупунктурата, а тоа е древната кинеска медицина. Јас можам да го разберам тој став – во ред, западната медицина се базира на физичките манифестации, а источната на енергетските. Но кога ќе третираш успешно над 500 пациенти годишно од главоболка и кога ќе видиш дека дава резултати, научен пристап е да го прифатиш тоа и да се обидеш да го сфатиш.

Каровски уште како студент на Факултетот за медицински науки, тогаш, на првиот Симпозиум за традиционална кинеска медицина, на кој присуствуваа професори и научници од Кина, Виетнам и Балканот, преку изјава за медиумите побара научната заедница да ги обедини методите. Тој став го поседува и денес. 

  • Постојано комплементарнатаи алтернативна медицина опстојува паралелно и на маргините на конвенционалната. Зборот ми е, не дека треба нешто што бара хируршка интервенција да го лекуваме со акупунктура, напротив, туку акупунктурата да ја користиме како паралелен метод на конвенционалното. Нејзините стимулирачки и аналгетски ефекти се неспорни. Зошто болка да третираме со медикаменти, ако можеме со потполно неинвазивна метода која не остава никакви последици. 

Центарот за традиционална кинеска медицина во Штип паралелно со третирањето на пациенти работи и на научни истражувања со кои го докажува ефектот на традиционалните методи во лекувањето на болести. Токму Каровски заедно со Зху и Арсовска се автори на најчитаниот научен труд на Македонскиот медицински журнал за 2017 година. Тој труд преку третман на 30 пациенти го докажува успехот на акупунктурата во третманот на лумбалната дискус хернија. 

  • Ние мораме да ја стекнеме и да ја задржиме довербата кај пациентите, а тоа го правиме на само еден начин – еве ги излекуваните пациенти, тоа се личности со име и презиме, кои кога заминуваат од кај нас своето лично искуство од лекувањето со акупунктура го пренесуваат на другите. Водиме и статистика и од неа се создаваат трудови кои го докажуваат ефектот. Тоа е долг и сериозен процес, кој бара многу трпение и време луѓето да го прифатат. Знам дека нема да се случи преку ноќ, ама затоа нашата задача е да докажеме дека функционира – подвлекува Каровски.

Центарот за традиционална кинеска медицина се наоѓа во Штип во еден од кампусите на Универзитетот ,,Гоце Делчев”, со кој имаат и договор за придружно членство. 

Седуммината вработени и понатаму продолжуваат неуморно да работат на својата задача, која ја делат со илјадници медицински лица во светот – акупунктурата да ја сместат во редот на вообичаени и докажани методи за третман на над 140 состојби и заболувања, за колку што впрочем и Светската здравствена организација потврдува дека успешно ги третира со оваа древна метода. 

Поврзани вести