Ракометарите на Вардар со уште една херојска партија успеаја да стигнат до уште еден трофеј во Лигата на шампиоите. Одиграа неверојатен натпревар и стигнаа до голема победа од 27:24 против Веспрем со што стигнаа до втората круна. Вардар е одново шампион и на тронот во Келн!

Добрата игра презентирана во второто полувреме против Барселона продолжи и на стартот на првото полувреме против Веспрем. Ракометарите на Вардар тргнаа сигурно и покажаа голема борбеност од првата минута. Вардар предводен во нападот од своите главни двигатели Карачиќ и Скубе и сигурниот егзекутор, Мораеш стигна во 13. минута до 8:5.

Малку после ова беше обезбедено и прво водство од четири гола разлика. Вардар поведе со 11:7 и имаше сигурна предност. Пред крајот на првото полувреме водството на Вардар стигна и до 16:10, но на одмор се замина со 16:11.

Почетокот на вториот дел не беше воопшто добар. Веспрем тргна силно во продолжението од натпреварот.  Зададе удар од стартот, а Арпад Штербик беше на голот, па помагаше за да се намали негативата. Иако се забележуваше дека поткривнува тој бранеше во препознатлив стил за него.

Ова беше причина Вардар брзо да ги загуби петте гола предност. Речиси на идентичен начин како што беше случај на последниот меч во Скопје во февруари и сега се губеше водството. Тешко се наоѓаше патот кон голот, а Благотиншек и Мацковшек буквално тепаа на линијата од шест метри.

Во 47 минута беше загубен уште еден погодок од предноста. Веспрем од пенал намали на еден гол, па во последните 13 минути од мечот се влезе со резултат 20:19.

Она што не чинеше 20 минути во играта на Вардар почна да се поправа на почетокот на последните десет минути. Конечно во нападот дојде малку идеја, па тоа ја врати предноста на три погодоци и Вардар дојде до 23:20. Сепак, не требаше многу за одново да се врати неизвесноста. Два лоши напади на пет минути до крајот од мечот донесоа ново возбудување, а со тоа и само гол предност за Вардар од 24:23. И тогаш кога беше најтешко се појави Кристопанс со шут од десет метри, а веднаш потоа Милосављев покажа дека знае како, па го запре пивотот на Веспрем, Благотиншек.

Последните три минути се чинеа цела вечност. Премногу долго се бараше простор за шут, а тогаш во една акција во која учествуваше речиси комплетната постава на Вардар одбраната на Веспрем остана измешана, а Чупиќ сам за 26:23.