Пишува: Мартин Каровски, спец. по рефлексотерапија во соработка со сервисот на ВВС на српски јазик

Дека промајата може да убие е многу често изговорена фраза во Македонија и регионот. 

Иако, точна дефиниција за тоа што е промаја нема, најточниот опис би било струењето на воздухот кое настанува заради отворени прозори на спротивни страни од просторијата или објектот. Нешто, за што, превод на околу 3 илјади светски јазици – нема.

Она на што луѓето се чувствителни е насоченото струење на воздухот кон едно место на телото. Тоа е практична физичка повреда. Студениот воздух доведува до оштетување на циркулацијата, со тоа оштетување на мускулите кои помалку се снабдуваат со кислород и по тоа едем или оток. Отокот, пак, предизвикува зголемување на масата на мускулот, кој со тоа може да врши притисок кој предизвикува болка и воспаление кое може да бара подолго лекување. 

Но, таков ефект може да предизвика било кој зимски ден, бидејќи воздухот надвор е студен и тој може да се однесува како насочено движење на студена воздушна маса кон незаштитените делови од телото. Тоа практично може да се случи и во лето, кога има присуство на ветар, кога престојувате во море, езеро или базен, па влажната глава ви е надвор од водата, а може да се случи и во било кој ветровит ден и при најмало струење на воздухот. Истиот ефект може да го има и сенката од дрвја или внатрешните простории во лето, кои се секогаш поладни од надворешната температура на воздухот.

Но, кон ниедна од овие други околности немаме толкава стравопочит, како кон промајата.

Но, промајата е всушност многу повеќе здрава отколку штетна. 

Затворените простории во кои престојуваме имаат своја микроатмосфера. Тоа значи дека концентрацијата на гасови, честички, прашина, бактерии, вируси и други микроорганизми е секогаш различна од надворешната и речиси секогаш нездрава. 

Еден возрасен здрав маж дневно консумира околу 550 литри кислород. 21% од воздухот кој го вдишува треба да биде кислород, за да 15% од воздухот кој го издишува биде повторно кислород, а нешто над 5% од вдишаниот воздух да биде консумиран кислород. 

Доколку концентрацијата на кислород во просторијата е несоодветна, овие проценти од погоре нема да важат. 

Затоа, многу важно е често просториите да се проветруваат со промаја за да се воспостави природен баланс на воздухот и да се ослободиме од што е можно повеќе прашина на која се задржуваат микроорганизми, кои често пати предизвикуваат алергиски реакции или заболувања на дишните патишта.