Денеска продолжува самитот на кој треба да падне договор за врвните функции во ЕУ. Источна Европа и Италија блокираат.

Очите беа црвени, подочниците големи, кожата посивена. По 16 часови преговори повеќето од 28-те шефови на држави или влади на ЕУ во Брисел веќе не изгледаа воопшто свежо. Не се доближија до решение за персоналните прашања. Претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, не успеа да постигне пробив во билатералните разговори со премиерите, па го прекина самитот и продолжението го закажа за денеска во 11 часот.

Изнервиран од неподготвеноста за компромис на двата големи табора кои се создадоа по овие прашања, Туск ја откажа својата прес-конференција и остана непознато до каде е стигнато со преговорите. Дел од новинарите преноќија во салата за прес-конференции, но попусто.

Според проценката на германската канцеларка Ангела Меркел, на една страна се државите од Вишеградската група – Полска, Унгарија, Словачка и Чешка, како и Италија, кои отворено го отфрлаат Франс Тимерманс како нов претседател на Европската комисија. За нив холандскиот социјалдемократ има премногу левичарски ставови и е премногу фиксиран на недостатоците на правната држава во Унгарија или Полска.