Викендов Пск Осогово од Кочани учествуваше со 11 члена екипа во искачување на врвот Голем Крчин позициониран на 2.341 метри надморска височина. Врвот Голем Крчин се наоѓа на масивот Дешат и е дел од поголемиот венец Шара-Кораб-Дешат-Крчин-Стогово-Караорман.

Кочанските планинари во саботата во 22:30ч тргнаа од Кочани кон селото Битуше. Планинарите и љубителите на природата, повеќе од 600 учесници од повеќе места низ државата, акцијата ја стартуваа во раните утрински часови, околу два часот после полноќ, под светлоста на ѕвездите. Во 3 часот од с.Битуше и искачувањето кон врвот планинарите најголем дел го поминаа во ноќта со челни батерии за во 7 часот утрината да пристигнат на врвот Голем Крчин.

Оваа акција годинава се одржа по четврти пат во организација на „Бигорскиот Манастир“ и сестринствата од манастирите на Светиот Победоносец Георгиј и на Богомајката Пречиста, предводени од благословот на возљубениот ни Старец, Архимандрит Партени. Во присуство на повеќе од 600 планинари и учесници на акцијата, монасите кои се искачуваа заедно со останатите, на самиот врв Крчин отслужија Божествена Литургија во пресрет на празникот Преображение Христово.

Заради безбедноста на групата оваа година беше присутна единица за спасување на планина и недостапни терени при Црвениот Крст од Охрид како и планинарски водичи со официјално призната лиценца од ФПСМ како и нашиот планинарски лиценциран водич од Пск Осогово Тошо Антов од Кочани и МАИВП.