Бројот на ученици во основните училишта во Македонија се намалил за речиси 25 проценти во последните 18 години. Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека од 250-те илјади во 2001-година, во школските клупи оваа година седат 188 илјади основци.

Падот од над 60 илјади ученици е регистриран во речиси сите општини низ земјава. Во главниот град посебно се драматични бројките во Кисела Вода и Центар. За 18 години, бројот на основци во овие две општини се намалил за 55, односно за 58 проценти. Минимален пораст на ученици е забележан само во општините Шуто Оризари и Арачиново.

Бројката е фрапантна. Вака експертите ги кометираат податоците, стравувајќи дека ситуацијата има тенденција да се влошува.

Причините за намалениот наталитет Тоневски ги гледа во генерациските промени. Трендот не е нов, а ситуацијата ја комплицира и масовното отселување.

Освен Скопје, за драстичното намалување на основци придонесуваат и Битола, Велес, Прилеп, Тетово, Куманово. Бројот на училишни столчиња е преполовен во Македонска Каменица, а блиску до овој процент се и Делчево, Берово и Струга.

Проблемот е сложен и бара целосна општествена акција, велат социолозите. Според нив, една од мерките која ќе ја спречи оваа негативна појава е подобрување на економскиот стандард.

Автор: Горан Симоновски за Сител