Регион

Русија напредува против ЕУ во поглед на Западниот Балкан

Еден од тие чекори назад, велат експертите, е Македонија и Албанија ни во октомври да не добијат датум за преговори со ЕУ, на што Русија може да одговори со два чекори напред во ширењето на својата политика на Балканот.

Додека Европската унија се обидува да ги усогласи ставовите за своите внатрешни прашања, меѓу кои и едно од најгорливите – проширувањето, геополитичкото опкружување во Балканскиот регион почна да се реорганизира, велат експертите. Во таква атмосфера, на насловните на највлијателните медиуми и на студиите од истражувачките центри почнаа да излегуваат наслови од типот: Западен Балкан е тест за нова студена војна, Западен Балкан како шаховска табла, Игра на тронови на Путин, Дали Западен Балкан се соочува со руска бура?…

Тие наслови, како што вели Рица Панагиоту од Центарот за планирање и економски истражувања од Атина, дојдоа заедно со опасноста од разочарување на Балканот од ЕУ и отворање празнина што може да ја пополни руската политика.

„Можеби најважната индикација за оваа геополитичка промена е повторното појавување на руската политика, влијанието и вклученоста во регионот. Агендата на Русија во последниве години е да го продлабочи, прошири и консолидира своето присуство во земјите од Западен Балкан, користејќи алатки како што се енергетската политика, културната дипломатија, етничките симболи и историските здруженија. Москва успеа да ја искористи можност од растечкото разочарување во регионот во период кога ЕУ беше фокусирана врз внатрешните проблеми“, коментира Панагиоту во својата најнова анализа.

 

Поврзани вести