Македонија

ДОМ ги седнува партиите на една маса за модел со една изборна единица

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ нема да застанат зад иницијативата за една изборна единица. Засега, единствено, отворена поддршка има од СДСМ. Пратеничката од ДОМ, Лилјана Поповска, најавува дебата на која ќе ги покани сите парламентарни партии и ќе побара да дадат зелено светло за инцијативата, наместо сегашните 6, да има една изборна единица. Таа е оптимист и вели дека ќе се најде политичка волја да се поднесе закон и измените на Изборниот законик да се донесат за еден месец.

„Сакавме да одиме кај сите политички партии и да разговараме одделно, но бидејќи времето до избори е скратено, се решивме за дебата на која ќе ги поканиме сите партии и ќе бараме поддршка за да се донесе законот. Бидејќи е скратен рокот, нудиме компромисно решение – да се донесе Изборниот законик, но измените да важат од следните парламентарни избори затоа што сме свесни дека нема да има доволно време Државната изборна комисија и општинските комисии да ги организираат изборите според новиот модел. Што се однесува до отворените листи, нив може да ги имаме на следните локални избори“, рече Поповска.

Сепак, од ДИК велат дека за нив не е проблем и дека се подготвени да спроведат парламентарни избори по кој било модел за кој политичките партии би постигнале договор.

Но, од ВМРО-ДПМНЕ сè уште не кажуваат дали ќе застанат зад промената на изборниот модел. Велат дека стојат зад ставот на нивниот лидер Мицкоски, кој пред две недели рече дека е добро Македонија да има 120 изборни единици. За нив, во моментот поважно било да се организираат демократски и фер избори.

„Македонија е во изборен процес и за нас во моментот е најважно да се организираат фер избори. ОБСЕ и ОДИХР имаат забелешки и тие треба да се почитуваат – да имаме слободни избори, да се заштитиме од злоупотреби на гласачите. Не бегаме, отворени сме за дебата, да им дадеме придонес на процеси што ќе го унапредат демократскиот капацитет во земјата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе се изјасни за поддршка за една изборна единица, уште понеизвесно е кога вчера пратеникот Илија Димовски рече дека за него најприфатлив е мнозинскиот систем на гласање.

„Помалите средини ќе немаат можност, практично никогаш, со тој модел да имаат свои пратеници. Партиите ќе си ги централизираат кампањите на оние што се јавни личности или веќе познати личности од големите градови – Битола, Струмица Велес. Затоа, велам, не случајно Велика Британија, САД, се држат строго до тој модел повеќе од 200 години – мнозински систем со плурално гласање во првиот круг“, рече Димовски.

Една изборна единица не е прифатлива ниту за коалицискиот партнер на СДСМ – ДУИ. За „А1он“ потврдија дека тие сè уште стојат на ставот дека нема потреба од менување на изборниот модел и дека најдобро е државата да биде поделена на 6 изборни единици.

И албанскиот опозициски блок не даде зелено светло. Алијансата на Албанците на Зијадин Села предлага осум наместо шест изборни единици, а за Беса – прифатливи се три изборни единици.

За да поминат измените на Изборниот законик, потребна е поддршка од 61 пратеник, но иницијаторите бараат предлогот да се донесе со политички консензус, односно зад него да застанат сите парламентарни партии.

Поврзани вести