Опстипација(запек) е еден од најчестите проблеми кои луѓето ги имаат со дигестивниот систем. Речиси секој човек барем еднаш во животот имал запек за кој најчеста причина е лошата исхрана.
Запекот се дефинира како состојба при која дебелото црево се празни помалку од трипати неделно.
Човековиот систем за варење на храната во период од неколку часа ги извлекува потребните материи од храната што ја јадеме и пиеме, тие се пренесуваат во крвотокот, а другите материи ги подготвува за исфрлање надвор од организмот.
Тие остатоци се сместуваат во дебелото црево каде што од нив се извлекува водата.
Колку повеќе изметот се задржува во дебелото црево толку повеќе вода се извлекува, тој станува се потврд и потешко се елиминира од цревата.
Современиот брз начин на живеење е главната причина за запек: не јадеме доволно храна која содржи растителни влакна, не пиеме доволно вода, не се движиме доволно и не си оставаме доволно простор и време да одговориме на потребите за вршење нужда.
Друга причина за запек може да биде и консумација на некои лекови и витамини како, на пример:

Опијати и кодеин(го има во препарати против кашлица);

Алуминиумовите соли од антацидите;

Дополнителните количества железо и калциум;

Одредени антихистаминици( лекови кои се користат при алергии), антидепресиви, диуретици, лекови за намалување на крвен притисок.